Поддржано од:    
                                                                                  
Вторник, 07 Мај 2013 14:04

Економија и НАТО - 2 дел

Напишано од 
Оценете ја оваа вест
(1 Гласај)


Економската состојба и реформите


За Република Македонија еден од нејзините најважни приоритети е да се грижи за економскот развој и подобрување на економската состојба. Во сегашнава ситуација може да се каже дека економскиот развој и стандардот на живеење стануваат сe позначаен проблем на националната безбедност. Ако институциите не се во состојба да создаваат во оваа област поволни резултати, со текот на времето, не може да се очекува дека тие ќе ја добијат потребната поддршка за остварување на други реформски процеси и значајни промени во општественото живеење.

Во периодот кој претстои граѓаните на Македонија со право очекуваат да се подобри економската состојба во земјата, а со тоа и нивниот животен стандард. Политичко-безбедносната ситуација во земјата според одредени проценки може да биде загрозена од невработени и ненахранети луѓе кои бараат парче леб и за тоа не бираат средства, ниту начинот како ќе дојдат до нив. Неопходно е започнување на сериозен економски раст на македонското стопанство, отворање на нови работни места, намалување на невработеноста и се разбира мерки во против  сиромаштијата.

Во изминатите години, стана јасно дека економските фактори се одлучувачки за националната безбедност и развој на земјата. Само стабилизација и раст на македонската економија ќе значи способност да се задоволат интересите на граѓаните, општеството и државата, да се решат проблемите поврзани со недостатокот на ресурси неопходни за стабилизација на внатрешната ситуација како и реализирање на реформските активности кои треба да ја отворат вратата за НАТО и за ЕУ.

Фактот дека македонските граѓани се чувствуваат помалку безбедни отколку земјите членки на НАТО во принцип ја определи нивната одлука за присоединување кон НАТО. Во новиот контекст тоа е позитивен момент, бидејќи земјата веќе има направено избор – за повеќе безбедност преку еден систем на колективна безбедност. И покрај тоа, дека прашањата сврзани директно со безбедноста беа одлучувачки, уште во почетокот на овој процес беа осознаени и земени во предвид економските последици. Два се основните типа на економски последици што произлегуваат од членството на Република Македонија во НАТО. Во првиот тип спаѓаат пред се директните резултати, на кои ќе се фокусираме подолу. Вториот тип, што е многу поважен за долгорочниот развој на земјата, се однесува на индиректното вкупно подобрување на климата во земјата и државата, што произлегува од карактеристиките, што некоја држава треба да ги поседува, за да стане членка на НАТО. Директните економски ползи од членството на Република Македонија во НАТО се лесни за опишување и дискусија, но тешки за премерување.

Во сегашните економски услови на релативно намалено барање и до колку барем дел од овие инвестиции не се прифати од сојузниците во НАТО (во рамките на Инвестиционата програма за безбедност и други програми за помагање на помалку развиените членки), зголемените расходи самите за себе ќе резултираат зголемување на бруто домашниот производ. Вредноста на овој раст зависи од расходниот множител, што до сега не е пресметан за Република Македонија. И покрај тоа реалните очекувања се, дека зголемување од 0.1% од бруто домашниот производ за одбрана на година може да доведе до зголемување на економскиот раст на бруто домашниот производ од 0.15 до 0.2%. Како последица може да се очекуваат подобрени перспективи за македонскиот воен комплекс. Двете претпријатија во одбранбениот сектор во земјата ќе бидат многу попривлечни како можности за инвестиции и очекувано враќање на инвестициите. Тоа ќе им дозволи да добијат странски инвестиции и ќе ја зголеми нивната конкурентна способност на меѓународен план. Освен зголемени воени расходи, членството во НАТО ќе значи за Република Македонија подобрување на динамиката на поврзаните со одбраната производства, како и на други инфраструктурни проекти.

Националниот систем за одбрана е тесно сврзана со поголемиот дел од цивилната инфраструктура како што се патишта, железнички пруги, комуникации, енергетски извори. За да стане член на НАТО, Македонија треба да ја прифати обврската да ја подобри оваа инфраструктура во поголем степен и за покус период на време. Значи, грубо кажано тоа ќе ги дуплира последиците од членството на Република Македонија во НАТО врз зголемувањето на бруто домашен производ. Освен општествените и инфраструктурните расходи, евентуалното членство на Република Македонија во НАТО ќе даде одраз и врз други производства од различни гранки на македонската економија. Информатичката индустрија ќе  повлијае врз потребите на софтвер и промените во телекомуникациите. Туризмот ќе се развие благодарение на зголемената безбедност и подобрувањето на патната и комуникациската инфраструктура и ќе има подобри перспективи за привлекување на се повеќе западни туристи и за разновидност на понудените услуги. Ќе се отворат и нови можности пред образовниот сектор сврзани со специфичните знаења, умеења и истражувачка работа, потребни за членството на Република Македонија во најсовремениот систем за одбрана во светот. Екологијата и земјоделството исто така ќе ги почувствуваат последиците од интеграцијата на  Македонија во новиот систем за безбедност. Додека во овој момент е тешко да се пресметаат овие последици како раст на бруто домашниот производ, тие недвосмислено ќе придонесат уште повеќе за потенцијалниот раст на македонската економија во следната декада. Опишаните до овде директни последици од членството на Македонија во НАТО не треба да се потценуваат, но имено вториот тип на индиректни ползи се многу поважни кога станува збор за долгорочните перспективи на македонската економија. Основниот проблем разгледуван овде е меѓународниот лик на земјата како потенцијален пазар, производител и извозник на производи. Овде се зема во вид дека во економски однос Република Македонија спаѓа во дупло негативен контекст: земја од екс-ју просторите  и земја од балканскиот регион. Во свеста на потенцијалните странски партнери, т.е. на директните инвеститори и во двата контекста станува збор за поголем ризик и поголеми расходи. Земја од екс-ју просторите  потсетува на типични проблеми сврзани со промената: несоодветен правен систем, висок степен на корупција, несигурни правила на игра. „Балканска“ од друга страна зборува за проблеми сврзани поскоро со недостаток на промена: меѓуетнички и меѓудржавни тензии што го заплашуваат и нарушуваат мирот во регионот, со резултат висока степен на индивидуална небезбедност. Двата контексти земени заедно во голем степен објаснуваат зошто во последните години во Република Македонија има помалку странски инвестиции, отколку објективно би можел да прифати економскиот потенцијал на земјата. Тоа исто така објаснува зошто Република Македонија толку многу се стреми кон членство во НАТО. Контекстот на НАТО е различен ако не и спротивен истовремено и на „постсоцијалистичкиот“ и на „балканскиот“. Промената со која обично постсоцијализмот се идентификува станува конкретна, дефинирана и постојано бранета штом се формулира како „Македонија да се промени на таков начин, за да може да се присоедини кон НАТО„. Меѓуетничките и меѓудржавните тензии во Република Македонија се проблеми што можат да најдат политичко решение, кога евентуалното членство во НАТО на сите спротивставени страни стане императив за мирот на Балканот. Значи небезбедноста како на личен така и на економски план наеднаш ќе се намали како последица на присоединувањето на Република Македонија кон НАТО. Поконкретно кажано, членството во НАТО ќе ја подобри институционалната рамка на македонската економија и ефикасно ќе ги намали расходите на зделките. Тоа значи, дека органите на државата ќе станат поефикасни и државата  посилна во примената на законите. Договорите ќе станат понадежни, бизнис  климата посигурна. Средината ќе биде поизвесна и ќе се зголеми конкурентната способност на локалниот бизнис. Сите овие директни и индиректни економски ползи од членството во НАТО ќе помогнат за вкупниот развој на Република Македонија и ќе додадат приближно кон годишниот економски раст помеѓу 0.5 и 1%. Како резултат на тоа вработеноста ќе се зголеми, а тоа од друга страна повлекува повисоки приходи во државниот буџет. Тоа значи не само повеќе и поголеми работни плати, но и поголеми пензии и воопшто зголемена благосостојба.

(Ин)Директни бенефиции за економијата

Кога зборуваме за трошоците кои произлегуваат од зачленувањето во НАТО, должни сме да ги посочиме и директните и индиректните економски бенефити за земјата кои произлегуваат од нејзиното членство во алијансата.

Имено, покрај општата рамка која ја носи безбедноста, за сестран развој на економијата, членството на НАТО овозможува и поврзување на стопанските системи и пазарите на земјите членки, што резултира со забрзување на економскиот раст и развој на земјата, смета проф. д-р Трајан Гоцевски чии од негова страна лоцирани директните и индиректните бенефиции за економијата од членството во НАТО ќе бидат презентирани во продолжение.

Во таканаречените индиректни бенефити за економијата на земјата можеме да ги наброиме следните: поголема безбедност и стабилност на пазарот; зголемен интерес за директни странски инвестиции; поголем интерес за инвестирање од страна на земјите членки на НАТО; заинтересираност за поврзување на деловните субјекти и отварање на свои филијали во нашата земја; зголемување на препознатливоста на Македонија и на нејзините ресурси од секаков вид од страна на земјите членки и сл.

Во делот на директните бенефити можеме да ги напоменеме следните: обезбедување институционална рамка за вклучување на сите национални економии во реализација на НАТО проекти во инфраструктурата, производството, технологиите, науката, логистиката, одбранбената инфраструктура; (Согласно член 2 од Северноатланската спогодба, НАТО има обврска да ја поттикнува стопанската соработка помеѓу стопанските субјекти); преку инвестиционите програми да ги помага помалку развиените земји членки; иницира и помага за сопственичко поврзување помеѓу стопанските субјекти на земјите членки кои учествуваат во обезбедувањето на вооружување, производи, опрема, добра, инфраструктура и сл. за потребите на НАТО; поврзување на системите со висока технологија; зголемување на технолошкото ниво на националната економија; поттикнување на партнерство со фирми од земјите членки на НАТО кои произведуваат за НАТО, за производство во нашата земја на оптичка опрема, производи од прехранбената, текстилната, електроиндустријата, автомобилската, хемиската индустрија и сл., за кои имаме компаративни предности.

Исто така, возможно е да се обноват, па и да се изградат нови капацитети од воената индустрија кои би произведувале за земјите членки на НАТО, а за кои веќе има искуство од минатиот период.

Не е помалку важно и стратешкото поврзување на капацитетите од сите области и гранки на македонското стопанство со побарувачката на НАТО од секаков вид, како глобален фактор и голем креатор на пазарите на земјите членки, а особено на земјите со мали и сè уште неразвиени пазари каков што е Македонскиот.

За да можеме да бидеме корисници на огромните економски бенефити кои со себе ги носи зачленувањето во НАТО, потребна е подготовка на сите институции на системот, како од јавниот така и од приватниот сектор, за препознавање на бизнисите кои ги нуди НАТО, изучување на процедурите, стандардите и правилата на работа на алијансата во економскиот дел, развивање и градење на капацитети за поврзување на стопанските субјекти од повеќе држави за реализација на проекти на НАТО во сите области каде тој делува; развивање на претприемачките активности кај субјектите за вклучување во НАТО инвестиционите проекти; и сл.

На крајот можеме да заклучиме дека само безбедна Македонија, членка на НАТО и ЕУ, може да стане економски развиена и просперитена држава која ќе ја зголеми својата благосостојба, како и стандардот и социјалната сигурност на своите граѓани.  

На прво место е очигледно дека чувството за сопствена несигурност многу често води до зголемување на чувството за општествена несигурност: тоа од своја страна често предизвикува асоцијално, а во одредени случаи и екстремистичко однесување. Обратно, една добра економија ќе го намали чувството за општествена несигурност, ќе ја намали социјалната тензија и ќе го направи општеството побезбедно место. Се разбира, тоа ќе значи повеќе средства за социјални програми и институции под контрола на државата. Независно од тоа, непосредниот благопријатен ефект ќе се случува директно на нивото на индивидуата, и како последица од посредувањето на институциите. Друга важна „маргинална добивка“ е резултат од врската економија – етнополитика. Во претежно затворени општества како што се општествата на Балканот, дискриминацијата на малцинствата ја прима формата и на економска дискриминација. Според правилото малцинствата се посиромашни од мнозинствата. И во кризни ситуации обично тие се најтешко погодени. Нивниот одговор исто така како правило политичките барања се додаваат кон економските. Етничкиот елемент многу лесно го претвора економскиот проблем во политички, а политичкиот проблем – во меѓународно прашање. Повеќе пати сме биле сведоци на тоа, што етничките проблеми им имаат донесено на Република Македонија и на Балканот. Подобрувањето на економската клима нема да ги реши ниту внатрешните, ниту регионалните етнички проблеми. Но подобрата економска клима силно ќе ја намали веројатноста од појавата на такви проблеми.  (Продолжува)

Марјан Ѓуровски е магистер на политички науки и асистент на Факултетот за безбедност-Скопје при Универзитетот „Св.Климент Охридски„. Докторант е на безбедносни науки на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„-Скопје. На постдипломските студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„ се одлучува да ја изработи и ја одбрани магистерската теза „Влијанието на евроатланските интеграции врз економијата на Република Македонија„. Раководел и партиципирал во повеќе научно-истражувачки проекти од безбедносните и политичките науки. Член е на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.
Прочитано 2019 пати Последен пат изменето на Вторник, 07 Мај 2013 14:09
Повеќе во оваа категорија: « Мрежата на YАТА!
Логирајте се за да поставите коментар

Во Фокусот

Мај 07, 2013 2020

Економија и НАТО - 2 дел

Економската состојба и реформите За Република Македонија еден од нејзините најважни приоритети е да…
Апр 30, 2013 1287

Мрежата на YАТА!

Како претседател на Младинската Атлантската Асоцијација (YATA), избрана сум да претставувам 37…
Апр 29, 2013 1054

Можат ли младите лидери да ја зајакнат…

Започнувајќи од пред речиси 60 години, транс-атлантското партнерство е несомнено главниот елемент…
Апр 25, 2013 969

Економија и НАТО - 1 дел

(Не)Подготовка на бизнисот за членство во НАТО Членството во НАТО е настан со трајни политички…
Апр 24, 2013 1629

Инфилтрација на џихадистичките движења…

Сметана за европска „граница“ во борбата со милитантниот Ислам, Југоисточна Европа (ЈИЕ)…
Апр 10, 2013 1097

Говор на Н.Е. Талат Џафери, по повод…

ГОВОР НА Н.Е., ТАЛАТ ЏАФЕРИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА КОНФЕРЕЦИЈАТА ЗА…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 887

Во чест на Договорот од Вашингтон -…

Неможам да ја избегнам темата и да не ја посветм мојата втора колумна на Атлантика на Договорот од…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 1657

Добредојдовте на Атлантика!

Мислејќи се како да ја најавам и отворам Атлантика, а притоа да ви го претставам целиот концепт на…